Услови и правила за учество нa 26-тиот Шри Чинмој маратон 2025

Следните услови и правила се составен дел од регистрацијата за учество нa 26-тиот Шри Чинмој маратон 2025.

1. Информации за настанот
1.1. Име на настанот: 26-ти Шри Чинмој маратон
1.2. Настанот ќе се одржи на 16.3.2025 година (недела) со почеток во 7:30 часот, во Градски парк – Скопје, во близина на Луна парк. Организаторот има право да го промени терминот на трките доколку тоа го наметнуваат условите.
1.3. Организатор на настанот: ШРИ ЧИНМОЈ МАРАТОН ТИМ Скопје
1.4. Службен јазик на настанот: македонски и англиски
1.5. Трки: маратон (42 194 m) и полумаратон (21 097 m)

2. Пријавување и одговорности на учесниците
2.1. Пријавувањето се отвора на 16.6.2024 година во 12:00 часот, а се затвора на 9.3.2025 година во 23:59 часот. Не е можно пријавување на денот на трката.
2.2. Пријавата може да се промени без надомест за што треба да се побара промена преку е-пошта на srichinmoyraces.mk@gmail.com најдоцна до 9.3.2025 година.
2.3. Трката има ограничен број на учесници, а пријавувањето се затвора во моментот на пополнување на бројот на учесници, што може да биде пред крајниот рок на 9.3.2025 година.
2.4. Учесникот на трката е одговорен за неговата психофизичка и здравствена подготвеност за учество на трката.
2.5. Учесниците учествуваат на сопствен ризик. Организаторот не сноси никакви правни последици во случај на телесна повреда, други здравствени проблеми или смрт, оштетување на опремата и помагалата на учесникот, повреда на дете во количка. Лекарскaтa екипa има право да го отстрани учесникот од трката доколку констатира опасност по неговото здравје.
2.6. Организаторот е должен да обезбеди итна медицинска помош за време на трката.
2.7. Со пријавувањето на трката, учесникот се согласува дека организаторот може да користи фотографии и видео снимки направени за време, непосредно пред и по трката, вклучувајќи ги сите видови на рекламирање на радио, ТВ и интернет, како и за други рекламни потреби на организаторот.
2.8. Секој регистриран учесник мора да трча со стартниот број што му е доделен во старниот пакет и за истиот не е можно отстапување на друго лице, во каков било случај, дури и во случај да не е можно учество на настанот од какви било причини. Пријавувањето за трката е лично. Учесникот потврдува дека сите податоци внесени во пријавата се точни.
2.9. Во случај на презакажување на трката поради влошена епидемиолошка состојба во државата или поради други непредвидени околности, уплатените средства не се рефундираат. Пријавата ќе биде важечка за следна трка организирана од Шри Чинмој маратон тим.

3. Стартни пакети и подигнување
3.1. Стартните пакети се подигнуваат на локација фонтана „Лотосов цвет” во Градски парк – Скопје, во следните термини:
14.3.2025 година (петок) од 13:00 до 17:00 часот
15.3.2025 година (сабота) од 13:00 до 17:00 часот
3.2. Стартниот пакет се состои од: стартен број, маица со логото на настанот, медал за завршена трка за учесниците кои ќе ја завршат трката, хартиена диплома за завршена трка, пехари за победниците (прво, второ и трето место), дигитални фотографии, складирање на лични работи за време на трката, подготовка и обезбедување на патеката, мерење на време, освежување за време на трката, тоалети достапни на старт/цел зоната, медицинска помош.
3.3. При подигнување на стартниот пакет потребно е да се покаже потврдата испратена како е-пошта (во електронска или хартиена форма) или документ за идентификација, лична карта или патна исправа.

4. Учество на трката
4.1. Учество на трката е можно само со стартниот број издаден од организаторот.
4.2. Стартниот број се поставува на предната страна од маицата и мора да е видлив во секое време на трката и за време на влегувањето во целта.
4.3. На задната страна на стартниот број се наоѓа чипот за мерење на време кој не смее да се оштетува/уништува (превиткува) на каков било начин, во спротивно нема да биде регистрирано времето.
4.4. Резултатите се достапни онлајн за време и по завршувањето на трката на линкот кој ќе го објави организаторот пред почетокот на трката. Жалба во врска со резултатите за првите тројца се поднесува во рок од 30 минути по завршувањето на трката во писмена форма до официјалните судии. Рокот за поднесување на жалба за останатите резултати е 24 часа по завршувањето на трката, исклучиво преку е-пошта. По истекот на правото на жалба, резултатите стануваат официјални.
4. 5. За лица помлади од 18 години потребна е писмена изјава од родител/старател и лекарска потврда за учество.

5. Дозволена и недозволена опрема
5.1. На трката не е дозволена употреба на ролери, скутери, велосипеди или други помагала со тркала. Исклучок се лицата со ограничена подвижност кои не можат да се движат без помагала.
5.2. Сите лица кои учествуваат на трката мора да учествуваат самостојно.
5.3. Дозволено е учество на тркачи со дете во количка што ја туркаат пред нив, со претходно известување на организаторот, а истите застануваат на стартот во последните редови.
5.4. На учесниците им е дозволено учество на трката со куче на поводник, со претходно известување на организаторот, а истите застануваат на стартот во последните редови.

6. Култура на однесување
6.1. Сите учесници мора да ги слушаат во секое време инструкциите на организаторот или претставници на организаторот.
6.2. Сите учесници треба да се однесуваат спортски и со почит кон другите учесници, гледачи и организаторот или претставници на организаторот во секое време.
6.3. Непочитување на правилата за спортско однесување може да резултира со казна или дисквалификација во согласност со одлуката на организаторот.

7. Измени на правила
7.1. Организаторот има право да ги промени правилата и терминот на трките доколку тоа го наметнуваат условите.
7.2. Во случај на измени и дополнување на правилата, организаторот ќе го објави тоа на својата веб-страница.

mk_MKМакедонски јазик